НЕМА КРАЈ НА ДРАМАТА ОКОЛУ СЛУЧАЈОТ СО МОМЧЕТО-УБИЕЦ – Изречени четири мерки против родителите на Коста К.: Откриено што смеат да прават со недвижниот имот и парите
Против родителите на момчето-убиец, Коста К., кој на почетокот на месец мај уби девет соученици и еден чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, се покренати повеќе постапки. Забрането им е да располагаат со недвижен имот и пари, за што одлучи судот во Белград.
Дополнително, како што пишуваат соседните медиуми, обесштетување бараат и семејствата на настраданите. Овој надомест е можен доколку таткото или мајката се осудени, тврди весникот Blic.rs.
Таткото на момчето моментално е во притвор, а се сомнева дека не чувал оружје според законските прописи. Тој е осомничен и дека го тренирал својот син да користи оружје, а го однел (не)легално и на стрелиште. Се истражува дали го напуштил и малтретирал детето.
Како што е предвидено во Законот за кривичната постапка, оштетените имаат право да поднесат предлог за имотно правно барање.
„Против овој предлог жалба поднесе таткото на момчето-убиец преку својот адвокат, но истата е одбиена и важи времената мерка за забрана на располагање со недвижен имот. Во прашање е предлогот на девет оштетени семејства, а решението му забранува на таткото да располага, отуѓува и оптоварува со недвижен и движен имот чиј сопственик е тој“, пишува споменатиот српски весник и додава дека се работи за еден стан, дел од деловен простор и патничко возило. Тие не смеат да се продаваат, да се стават под хипотека итн., но користењето на овие имоти не е забрането.
Оваа времена мерка ќе важи до завршување на кривичната постапка.
На таткото на Коста К., исто така, му било привремено забрането да располага со пари за да се осигура дека може да се плати отштета на семејствата на жртвите.
Добро упатен извор за весникот кажал дека е можно овие семејства да имаат право на отштета дури и ако таткото на момчето-убиец биде ослободен од обвиненијата.
Доколку одлуката е донесена во кривична постапка, таткото мора да биде осуден за семејствата да добијат отштета. Доколку тоа не се случи, судот може да го упати оштетениот во парница.
Кога станува збор за мајката на Коста К., против неа нема кривична постапка. Поведена е прелиминарна истрага за да се утврди дали сторила кривично дело запуштање и малтретирање на сопственото дете.
Четири лица поднеле предлог за времена мерка забрана за располагање со мајчиниот имот. Таа поседува три стана и гаражен простор. Во два стана таа има 50 отсто сопственост, а во третиот е целосно нејзини. Има 50 отсто сопственост и на два имота во Параќин и Ниш.
Предлог таа да не ги продава овие имоти поднеле 27 лица. Да потсетиме, мајката веќе се обидела да им го пренесе имотот на роднините и посетила неколку нотари, но сите ја одбиле.
Народната банка на Србија и јавниот извршител добија наредба да ги префрлат и депонираат сите средства што ги имаат на сметките на сите деловни банки, до износот на побарувањата на семејствата во граѓанската постапка, на депозитот на јавниот извршител.
Нема правила и пропишани суми што би требало да им се платат на семејствата на жртвите во овој случај.
„Ова се оценува во секој конкретен случај во врска со член 200 од Законот за облигационите односи. За душевна болка претрпена поради смрт на блиско лице, судот доколку утврди дека околностите на случајот, особено тежината на болката и нејзиното траење, ја оправдуваат, ќе досуди паричен надоместок, а при одлучувањето по барањето за надомест на нематеријална штета, како и за висината на надоместокот, судот ќе ја земе предвид важноста на оштетениот имот и целта што ја опслужува овој надоместок“, објаснил добро упатен извор за весникот.