НЕМА КРАЈ НА КРИВИЧНИТЕ ПРИЈАВИ – Под лупа на МВР оди и човекот кој му помогна на Љупчо Палевски да избега од Македонија
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави дека ќе биде поднесена кривична пријава против лицето кое го однело првоосомничениот за бруталното убиство на Вања Ѓорчевска (14 г.) од Скопје и Панче Жежовски (74 г.) во Велес, Љупчо Палевски – Палчо во Турција.
„Според она што го потврдивме, службите ме известија дека ќе биде поднесена кривична пријава“, изјави Оливер Спасовски на новинарите при посетата на Охрид.
Адвокатот Васко Стојков, кој со автомобил го однесе Љупчо Палевски до Белград, се уште е на распит во полиција.
„Адвокатот е приведен на рочиштето кое се уште трае во рамките на 24-часовниот притвор, а кога ќе заврши службите ќе одлучат што понатаму“, посочи Оливер Спасовски.
Вања Ѓорчевска беше убиена само неколку часа откако беше киднапирана, а нејзиното тело беше пронајдено во неделата, по седум дена потрага по неа, а овој случај ја обви Македонија во црно и целосно го потресе регионот.
Во меѓувреме во Турција беше уапсен Љупчо Палевски, кој се сомничи дека е организатор на киднапирањето и убиецот на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.