Бидејќи здравствените власти не обезбедуваат навреме терапија за хроничните болни, тогаш пациентите се снаоѓаат како знаат и умеат. Матичните лекари алармираат, ако не се ревидира позитивната листа, состојбата на многу пациенти ќе биде сериозна…
„Ова е гнојна ангина, но немаме Оспен. Се снаоѓаме“.
Но не само овој лек, во аптеките нема уште многу други, нема спрејови, капки.
Се снаоѓаат и пациентите бидејќи здравствените власти не се снаоѓаат навреме да им обезбедат терапија за хроничните состојби, па тие прогресираат и оштетуваат други органи. Лицата со дијабетес на пример два до три месеци годишно се без инсулинска терапија. Минатата година девет месеци немаа ленти и глукомери. Поради ова, Катерина Пешевска од Свети Николе сега има оштетување на бубрезите. Треба да зема лек којшто чини 9.000 денари месечно.
„Ако не го користиме лекот нашата болест ќе прогресира и ќе завршиме на дијализа“, вели Пешевска.
Побарала опција да го купува во странство, на пример во Германија каде што терапија за три месеци чини само 10 евра, но таму може да го добијат само нивните осигуреници, кои годишни ги чини 40 евра, додека пациентите во Македонија лекот за една година ги чини 1.000 евра. Матичните лекари алармираат ако не се ревидира позитивната листа состојбата на многу пациенти ќе биде сериозна. Немаат можност сами да купуваат терапија, а тие не се во можност да им дадат замена, една третина на лековите кои ги покрива фондот во светот лекарите веќе не ги препишуваат.