“НЕМУ МУ Е НАЈТЕШКО!“ – Тренерот на Рафаел Надал ја откри здравствената состојба на Шпанскиот ас: “Веќе не се работи за тоа дали сте песимист или оптимист…“
Карлос Моја, тренерот на Рафаел Надал, изјави дека шпанскиот тенисер прави се за да игра на Мастерсот во Рим и на Ролан Гарос.
Карлос Моја, освојувачот на титулата од Париз во 1998 година, сè уште не може со сигурност да потврди дека Рафаел Надал ќе заземе учество и ќе игра на тие турнири, бидејќи опоравувањето едноставно не оди толку брзо како што очекуваа тие и неговиот тим.
Рафаел Надал нема играно од Австралија Опен, а пропушти и неколку од неговите омилени турнири на земјени терени, а неговиот тренер вели дека е невозможно да се каже точно кога ќе биде подготвен за да се врати на терените.
„Во моментов работиме од час до час и дневно и се трудиме секој ден постепено да напредуваме. Повеќе не се работи за тоа дали сте песимист или оптимист. Едноставно секој ден го следите напредокот“, открил тренерот во изјава за шпанските спортски медиуми.
Тој кажал и дека Рафаел Надал ќе се „проба“ да биде на турнирот во Рим, а потоа и во Париз.
„Секако дека ова се тешки времиња затоа што ги пропуштивме турнирите што ги сакаме, но Рафа е воин, има неуништлива волја и кога ќе дојде време да се врати, ќе биде многу мотивиран. Во овој момент е невозможно да се дефинира календарот, но целта е да се оди во Рим. Доколку тоа не е можно, ќе се обидеме да бидеме на Ролан Гарос“, порачал шпанскиот стручњак.
Дури и да дојде недоволно подготвен, тренерот верува дека има шанса повторно да освои титули.
„Малку сме тажни што се уште не играл на земјена подлога оваа сезона. Нему му е најтешко, но ние се трудиме да го охрабриме и секогаш сме оптимисти. Мислам дека стана урбана легенда дека на Надал му требаат многу натпревари за да се врати од повреда, но тој секогаш постигнуваше добри резултати“, заклучил Карлос Моја.