Неочекувана заплена на 15 милиони долари: Полската гранична служба откри кокаин на дното на Балтичкото Море

Полските граничари откриле повеќе од 100 килограми кокаин на дното на Балтичкото Море додека вршеле операции за заштита на критичната подводна инфраструктура, соопшти денеска службата.

Во акцијата се уапсени седум лица, а властите соопштија дека вредноста на откриената дрога изнесува 15 милиони долари, пренесува Ројтерс.

Балтичките земји се во зголемена готовност поради инциденти со подводната инфраструктура, а НАТО најави дека ќе го зголеми присуството во регионот откако беа забележани неколку такви случаи кога подводната инфраструктура беше сериозно оштетена.

Според полските власти, дрогата била пронајдена на морското дно, во реонот на заливот Гдањск во северна Полска, пренесува Euronews, повикувајќи се на Танјуг.

Локацијата на осомничените потоа била утврдена, а потоа биле откриени дополнителни количини на наркотици. Не беа соопштени други детали за случајот. Уапсените се соочуваат со затворска казна до 20 години, соопштија властите.