Со оглед на тоа што ограничувањата поради коронавирусот станаа минато, бројот на официјално регистрирани проститутки во Германија се зголеми на 28.280 во 2022 година, што е зголемување за 19 отсто во однос на претходната година, објави Сојузниот завод за статистика.
„Причината за тоа зголемување е веројатно целосното укинување на какви било ограничувања поврзани со коронавирусот во април 2022 година“, се вели во соопштението.
Според податоците од 2019 година, регистрирани пред коронавирусот да предизвика широко распространети затворања, 40.370 луѓе биле регистрирани како сексуални работници. Според германскиот Закон за заштита на проститутките од 2017 година, сексуалните работници мора да бидат регистрирани, иако незаконските активности сè уште се присутни.
Последните податоци покажуваат „значителен пораст на бројот на проститутки од Украина“, соопшти германската канцеларија, истакнувајќи дека во 2022 година биле регистрирани 470 украински сексуални работнички во споредба со 180 во 2021 година, што е зголемување за 161 отсто.
Минатата година имало 5.200 сексуални работнички со германско државјанство или 18 отсто од вкупниот број. Меѓу нив најчести странски државјани се Романците, кои сочинуваат 35 отсто, потоа Бугарите – 11 отсто и Шпанците со 6 отсто.
Федералното биро за статистика, исто така, објави дека бројот на установи за проституција, како што се борделите, се зголемил минатата година, при што 2.310 такви установи имаат лиценца во споредба со 2.290 установи во 2021 година. Нерегистрираните сексуални работници не се вклучени во статистиката, велат од канцеларијата.