Нетанјаху: Блинкен се обврза дека ќе ги укине ограничувањата за испораките на оружје од САД

– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен се обврзал дека ќе ги укине ограничувањата за испорака на американско оружје за Израел.

Откако израелските и германските медиуми објавија дека Блинкен му ветил на Нетанјаху минатата недела дека Вашингтон ќе ги укине сите ограничувања за испорака на оружје за Израел во наредните денови, израелскиот премиер во видео снимка рече дека највисокиот американски дипломат му дал гаранции за тоа, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху рече дека му пренел на Блинкен за време на неговата неодамнешна посета на Израел дека длабоко ја цени американската поддршка, но дека не може да сфати дека Вашингтон во текот на неколку месеци ја ограничил испораката на оружје и муниција за Израел.