Нетанјаху го отфрли договорот за ослободување на заробениците во Газа

– Израелската Влада подготви предлог за започнување нови преговори со палестинската група Хамас за ослободување на израелските затвореници во Појасот Газа, но премиерот Бенјамин Нетанјаху ја одби понудата, јавуваат локалните медиуми.

Израелскиот „Канал 13“ објави дека неименувани израелски министри ја истакнале општата рамка на договорот во последните денови, чија цел е да се обезбеди ослободување на израелските заробеници кои ги држи Хамас.

Се очекуваше преговорите да продолжат преку неименуван посредник, но Нетанјаху, наводно, го отфрлил тој план.

Одлуката за отфрлање на предлогот, според каналот, била донесена без координација со министрите од воениот Кабинет, Бени Ганц и Гади Ајзенкот.

„Канал 13“, исто така, пренесе изјави од неименувани политички функционери кои тврдат дека Нетанјаху ги попречува напорите за постигнување договор за ослободување на затворениците.

Што се однесува до преговорите, од Кабинетот на Нетанјаху изјавија дека условот што го бара Хамас, а кој премиерот категорично го отфрли, е крај на војната.

Израел тврди дека Хамас држи 136 Израелци во Газа од 7 октомври, додека Хамас бара прекин на огнот во Газа и ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори во замена за ослободување на израелските затвореници.

Според последните информации, од 7 октомври досега во израелските напади врз Појасот Газа загинале најмалку 24.448 Палестинци, а 61.504 се повредени.

Според податоците на ОН, 85 отсто од населението во Газа е веќе внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата се оштетени или уништени.