Нетанјаху: Израел ќе биде блиску до целосна победа со операцијата во Рафа

 Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека офанзивата во Рафа, дури и ако биде одложена поради прекинот на огнот, ќе му овозможи на Израел да биде на дофат на целосна победа.

„Целосната победа ни е на дофат, не за неколку месеци, туку за неколку недели, кога ќе ја започнеме операцијата“, рече Нетанјаху во интервју за американскиот телевизиски канал Си-Би-Ес.

Како што пренесуваат странските агенции, Рафа е „последното упориште“ на палестинското движење Хамас во очите на израелскиот премиер, кој е решен таму да започне копнена офанзива за да го порази Хамас и да ги ослободи заложниците кои се држат во Појасот Газа, и покрај предупредувањата од меѓународната заедница.

Според ОН, околу 1,5 милиони луѓе се во Рафа, град кој се наоѓа на границата со Египет. Тој граничен премин сега е затворен.

„Ако постигнеме договор (за прекин на огнот), таа (офанзивата) на некој начин ќе биде одложена, но ќе се случи“, додаде израелскиот премиер.