Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја осуди најавата на Ирска, Шпанија и Норвешка дека наскоро ќе ја признаат независна Палестина како „награда за тероризмот“ и нагласи дека Тел Авив останува решен кога е во прашање победата во Појасот Газа.
Во изјавата, Нетанјаху изјави дека 80 отсто од Палестинците на Западниот Брег „го поддржуваат масакрот извршен од Хамас на 7 октомври“.
„На ова зло не смее да му се даде земја. Тоа ќе биде терористичка држава. Ќе се обидат да го повторат масакрот од 7 октомври, а ние нема да се согласиме на тоа“, рече тој.
Израелскиот лидер истакна дека „наградата за тероризмот нема да донесе мир“ и дека одлуката на овие земји да ја признаат Палестина нема да го спречи Израел да го победи Хамас.
Норвешка, Шпанија и Ирска најавија претходно денеска дека ќе ја признаат палестинската држава на 28 мај.
Според ирскиот министер за надворешни работи Мајкл Мартин, Ирска планира да ја признае палестинската држава врз основа на нејзините граници од 1967 година, кои ги вклучуваат Газа, Западниот Брег и Ерусалим како главен град и на Израел и на Палестина.