НЕ ГО ИГНОРИРАЈТЕ ДАТУМОТ! Научниците откриваат зошто е ризично да се пие флаширана вода по истекот на рокот на траење
Иако флашираната вода ретко се „расипува“ пред да ја испиеме, експертите предупредуваат дека пакувањето во кое се чува – пластичното шише – може да се деградира со текот на времето и да ги зголеми здравствените ризици, вклучително и ризикот од рак.
Флашираната вода обично има рок на траење од 18 месеци до две години, но тој рок на траење не важи за самата вода, туку за пластичното пакување. Иако водата треба да го зачува својот вкус и квалитет во тој период, консумирањето по истекот на рокот на траење може да го зголеми внесот на штетна микропластика која е поврзана со рак на дебело црево, оштетување на мозокот и неплодност, велат експертите.
Микропластика во телото
Микропластиките се ситни пластични честички, со големина до два микрометри, кои се повеќе се наоѓаат во човечкото тело.
Неодамнешните студии открија присуство на микропластика во човечките бели дробови, мајчиното млеко, па дури и во крвта, што покренува загриженост за тоа колку длабоко може да навлезе во телото, објавува „Дејли меил“ .
Истражувачот за загадување на слатка вода што работи со Светската здравствена организација (СЗО), д-р Шери Мејсон, изјави:
„ Постои врска помеѓу микропластиката и ризикот од одредени видови рак, намален број на сперматозоиди, ADHD и аутизам . Знаеме дека овие хемикалии од пластиката се поврзани со тие состојби, а пластиката е начин тие да влезат во нашите тела“, објасни таа.
Здравствени ризици
Научната заедница сè повеќе ја поврзува микропластиката со невротоксичност, хронично воспаление, хормонален дисбаланс и метаболички нарушувања.
Ново истражување на Сара Саџеди од Универзитетот Конкордија покажува дека луѓето кои редовно пијат флаширана вода внесуваат до 90.000 повеќе микропластични честички годишно во споредба со оние кои пијат вода од чешма.
„ Здравствените ризици што ги претставуваат пластичните шишиња за еднократна употреба се сериозни. Микропластиката може да предизвика нерамнотежа на цревната флора, да придонесе за респираторни заболувања и да претставува хронична закана за здравјето на луѓето“, тврди Саџеди.
Дури и кога водата се консумира пред истекот на рокот, експертите предупредуваат дека микропластиката може да навлезе во водата уште за време на процесот на производство. Како што пластиката се распаѓа со текот на времето, бројот на честички од микропластика се зголемува.
„Деградација на пластика“
Најчесто користениот материјал за шишиња – ПЕТ (полиетилен терефталат) – може да го промени вкусот и мирисот на водата со текот на времето.
Иако ПЕТ не содржи супстанции како БПА, складирањето во топли услови, изложеноста на сончева светлина или близината на силни хемикалии може дополнително да ја забрза деградацијата на пластиката , велат експертите.
ПЕТ пластиката е исто така „дишечка“, што значи дека водата може делумно да испари со текот на времето, а честичките од надворешната средина полесно можат да влезат во шишето.