Високото ниво на холестерол може да предизвика сериозни здравствени проблеми, а некои знаци може да се појават на многу неочекувани места. Оптометристот Тина Пател предупредува дека понекогаш може да се откријат важни индиции за време на рутински очен преглед. Иако често се занемаруваат, одредени промени околу очите може да бидат првите знаци дека нешто не е во ред со нивото на холестерол во крвта.
Овие знаци вклучуваат жолтеникави наслаги на очните капаци.
,,Околу очните капаци може да се појават жолтеникави наслаги, познати како ксантелазма“, објасни Пател за „Дејли експрес“, додавајќи дека тие се „јасен показател за висок холестерол“. Покрај тоа, за време на прегледот, оптичарите може да забележат бел прстен околу ирисот, што исто така може да укаже на таложење на маснотии и липиди во телото.
Промените може да се појават и подлабоко во окото. „Стеснувањето на ретиналните артерии или присуството на ситни згрутчувања на крвта е уште еден знак што укажува на покачен холестерол“, вели Пател. Ваквите промени може да го намалат протокот на крв во мрежницата, што доведува до заматен вид и, во потешки случаи, до губење на видот.
„Управувањето со нивото на холестерол преку исхрана и вежбање е клучно за намалување на ризикот од компликации“
„Екстремно високите нивоа на холестерол претставуваат значителен ризик за здравјето на очите“, предупредува оптометристот.
За да се одржи здравјето, Пател препорачува редовни очни прегледи – барем еднаш на секои две години – особено за луѓе под 40 години кои забележуваат промени или имаат семејна историја на висок холестерол.
„Управувањето со нивото на холестерол преку исхрана и вежбање е клучно за намалување на ризикот од компликации“, истакнува тој. Препорачана храна вклучува масна риба (како лосос и скуша), авокадо, јаткасти плодови, овес, грав и зеленчук.