Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Унгарија не треба да го воведува еврото, бидејќи Европската Унија „се распаѓа“.
Орбан во интервју за економскиот портал „EconomX“ изјави дека моменталната каматна стапка на централната банка од 6,5 проценти е „повисока отколку што би можела да биде“.
Тој процени дека намалувањето на каматните стапки ќе дојде „побавно отколку што би сакале“, бидејќи гувернерот на централната банка, Михаљ Варга, е „претпазлив човек“.
Орбан нагласи дека владата нема намера да го воведе еврото во Унгарија, бидејќи Унгарија не смее уште поцврсто да ја врзува својата судбина со Европската Унија.
Според него, Европската Унија моментално е во фаза на распаѓање. Тој верува дека, доколку Унијата не се преобликува од корен во рок од една или две години, процесот може да стане неповратен.
„Не гледам ниту кај бриселските бирократи, ниту кај лидерите на водечките национални држави, способност или намера да го сторат тоа. Ако остане вака, Европската Унија ќе биде само минливо поглавје во нашиот живот“, рече тој.