“НЕ МИЈАЛКОВ, СВЕТИ МИЈАЛКОВ АКО САКА НЕКА Е“ – Оливер Спасовски со остра порака до лицата ставени на црната листа на САД
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, очекува да се создаде законска можност за компаниите на лицата кои што се наоѓаат на црната листа на САД, да не можат да учествуваат на јавните набавки во кои ќе се исплаќаат јавни или државни пари.
По денешниот увид во изградбата на новиот објект на Полициската станица во Аеродром, министерот Оливер Спасовски изјави дека одлуката на црната листа на САД да се стават рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот Јордан Орце Камчев, кој беше ставен на оваа листа во јули годинава, е очекувана, а преку дискусија, како што рече, ќе мора да се воведат и некакви нормативни мерки коишто практично ќе ги тангираат ваквите лица.
„Прво, ова е очекувано. Јас очекувам дека и други лица коишто се занимаваат со криминал, коишто не допринесуваат за борбата против корупцијата, оние коишто се судени, се водени постапки, одлежале казни затвор, коишто направиле огромно богатство на територијата на државата, нормално дека на секој можен начин треба да се санкционира“, вели Оливер Спасовски.
Според заменик-министерката за правда, Викторија Мадиќ Аврамовска, која, исто така беше на увидот, пораките од Американската Амбасада секогаш треба да ги прифатиме најдобронамерно.
„Институциите коишто се надлежни за тоа, обвинителството и судството треба да разгледаат сѐ она што можат да помогнат за да немаме повторно доведување на нови имиња на вакви листи, туку да покажеме дека ќе се одважат институциите и ќе можат предвреме да ги превенираат и тие процеси и да ги завршуваат порано доколку имаат за одредени лица“, вели Викторија Мадиќ Аврамовска.
Таа порача доколку за лицата кои беа ставени на листата има нешто симптоматично, институциите да реагираат на време.
„Ги поттикнувам институциите да проверат, да видат доколку имало досега, поажурни да бидат и обвинителството и судството и во иднина да можат подобро да ги спроведуваат процесите, не само за овие, туку и сите други лица за да немаме вакви ситуации“, вели заменик-министерката.
На прашањето дека во едно од образложенијата за одлуките за црната листа се спомнати и поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и дека било разговарано за трансфер на пари за да се организира средба на Зоран Заев со црногорскиот државјанин Миодраг Давидовиќ-Дака, поврзано со негови инвестиции во Северна Македонија, министерот Оливер Спасовски одговори дека „ако требало да биде некој во одлуката тие (САД) ќе го ставеа“.
„Јас апелирам пред сѐ тоа што е објавено како одлука од страна на американската администрација, тоа да го прифатиме и да го презентираме. Таму образложение се дава на секоја поединечна одлука која што ја имаме. Меѓутоа, образложенијата, спомнувањата итн. сигурно не се одлука. Ако требало да биде некој во одлуката тие ќе го ставеа“, вели министерот, кој дополни дека нема никакви информации за организирање на каква било средба помеѓу кој било.
На прашањето за заканите врз вработените во Агенцијата за одземен имот поради одземениот имот на Сашо Мијалков, Оливер Спасовски вели дека се недозволиви.
„Апсолутно е недозволено да имаме закани, упатувања или навреди или што било друго заради вршењето на својата работа. Ние сме во постојана координација со раководството на Агенцијата за одземен имот, цврсто стоиме на тој став да ги преземеме сите мерки на заштита и сето она што е законска обврска да биде реализирано. А не Мијалков, свети Мијалков ако сака нека е – тоа што го стекнал на недозволен начин мора да му се одземе“, вели министерот.
Во врска со наводни разговори со СДСМ за тајмингот за изборите, односно, дали останува ставот на партијата дека ќе одат на одвоени избори, министерот Оливер Спасовски, одговори дека прашањата во однос на партиските ставови и одлуки треба да се упатат до надлежните во СДСМ.
Министерот Оливер Спасовски денеска беше прашан и за неговите амбиции за кандидат за претседател, на што тој одговори дека таа постапка ќе се отвори во партијата и таму ќе се разговара на таа тема.
На прашањето дали смета дека ќе биде подобар претседател на државата од што е министер за внатрешни работи, тој кажа дека размислува како да биде најдобар министер за внатрешни работи.