„НЕ НАПАЃАМЕ РУСКА ТЕРИТОРИЈА“ Зеленски и Шолц за условите за мир: Русија мора да ги повлече војниците, поинаку нема да успее!

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Берлин испрати „силен сигнал“ и посочи дека Германија ќе ја поддржува Украина „се додека е потребно“.

Шолц, на заедничката прес-конференција со Зеленски, додаде дека Германија се залага „Русија да одговара за своите злодела“, пренесува Ројтерс.

Беше посочено дека Украина е подготвена за мир, но дека тоа не може да значи замрзнување на конфликтот и прифаќање на договорот што го сака Русија.

Русија мора да ги повлече своите војници, тоа нема да функционира поинаку – рече Шолц.

Украинскиот претседател Зеленски рече дека Киев и неговите западни партнери можат „неповратно да ја поразат Русија во војна“ веќе оваа година и додаде дека Украина секогаш ќе и биде благодарна на Германија за нејзината поддршка за време на руската инвазија „во полн обем“.

– Време е веќе оваа година да се одреди крајот на војната, оваа година поразот на агресорот можеме да го направиме неповратен – рече тој.

Тој изјави дека Украинците веруваат во успехот на контраофанзивата против руските сили и дека се „подготвени за успех“.

Зеленски додаде дека и Украина е подготвена да разговара за предлозите за мир, но дека тие предлози треба да се засноваат на сопствената позиција и мировниот план на Киев.

– Војната се случува на територијата на нашата земја, така што секој мировен план ќе се заснова на предлозите на Украина – рече тој.

Тој ја отфрли идејата за какви било територијални отстапки за Русија и рече дека Украина сака да ја врати секоја педа од својата земја.

По извештаите дека претседателот Зеленски планирал напади во Русија на приватни состаноци со највисоките воени помошници, украинскиот лидер инсистираше на тоа дека нема планови да напаѓа цели во Русија.

– Ние не напаѓаме руска територија. Подготвуваме контранапад за деокупација на нелегитимно освоени територии – изјави тој по средбата во Берлин.

Русија ја обвини Украина за погодување цели во Русија, вклучително и обид за напад со беспилотно летало врз Кремљ, чија цел беше да се убие рускиот претседател Владимир Путин претходно овој месец.

Украина ги негира обвинувањата, но вели дека има право да употреби сила и други средства за да ги отстрани руските сили од нејзината територија.