Европската Унија произведе вкупно 3,3 милијарди литри сладолед во 2024 година, што претставува раст од два проценти во споредба со претходната година, додека Полска забележа скок од дури 29 проценти, според објавените податоци на Евростат.
Германија остана водечки производител на сладолед во ЕУ со 607 милиони литри, пред Франција со 501 милион и Италија со 492 милиони литри.
Шпанија со 378 милиони и Полска со 298 милиони литри се исто така меѓу петте најголеми производители.
Сепак, главните производители на сладолед, освен Полска, забележаа пад на производството на годишно ниво.
Во Франција, производството на сладолед се намали за 12 проценти, како и во Италија за седум проценти, Шпанија за шест проценти и Германија за еден процент.
Вкупниот раст на производството во ЕУ беше постигнат благодарение на позитивните трендови во голем број помали земји, меѓу кои се издвојуваат Белгија со раст од 35 проценти, Бугарија 19 проценти и Чешка 15 проценти.
Во однос на надворешната трговија, Франција е сè уште главен извозник на сладолед на пазарите надвор од Унијата со 55,9 милиони килограми – што претставува 21 процент од вкупниот извоз.
По неа следуваат Италија со 42,6 милиони килограми, Холандија со 31,9 милиони килограми, Германија со 28,2 милиони килограми и Белгија со 27 милиони килограми, според веб-страницата на Евростат.
Вкупниот извоз на сладолед од Европската Унија во остатокот од светот се зголеми за симболичен еден процент, додека увозот скокна за дури 24 проценти на 69,3 милиони килограми.