Од Европа, преку Северна Америка, до Јапонија и Австралија, дури и голем дел од некогашните демографски стабилни држави на Блискиот Исток, демографијата има тренд на колосални нарушувања. Наталитетот е во вртоглав пад, придружен со стареењето на населението. Засега нема опипливи индикатори дека некој успеал на некој начин да ги запре, забави или ублажи лошите демографски движења.
За стареењето на населението
Еден од најочигледните знаци на демографска катастрофа е стареењето на населението. Тоа е всушност раст на учеството на постарото население во вкупното население, односно намалување на уделот на помладата популација. Според официјалните податоци на ООН, во 1964 година просечната возраст на населението во Европа изнесувала 29,8 години. Понатаму, од истиот извор на ОН се констатира дека до почетокот на 90-тите години на минатиот век, таа бројка пораснала на 34 години, а до почетокот на овој век (во 2000 година), просечната старост на населението во Европа се искачила на 37 години, а во 2010 година таа бројка надминала 40 години. Денес просечната возраст на населението во Европа изнесува 42,5 години.
Според анализите и проекциите, најлоша ситуација во Европа во однос на стареењето на населението има во Шпанија, Италија и Албанија, каде што средната возраст до 2060 година ќе биде 54 години. Прогнозите се лоши и за Грција и Португалија, каде што средната возраст дотогаш ќе биде 52 години.
Што се однесува на нашата земја, нашите соседи Србија и Бугарија, како и за Босна и Херцеговина, тие исто така ќе бидат вброени меѓу земјите каде што половина од населението ќе биде на возраст од над педесет години до проектираната 2060 година. Имено, до 2060 година секоја земја во Европа ќе има жители со просечна возраст од над 40 години, вклучувајќи ја и денешната, сè уште релативно млада Турција.
Стареењето и економските последици за државите
Стареењето на населението има повеќе тешки економски последици.
Прво, најголем проблем е сè потешката одржливост на пензискиот систем, кој повеќе од сто години се заснова на меѓугенерациска солидарност. Кога беше воведен, тоа беше елегантно решение за проблемот на постарата популација, која повеќе не можеше да работи, но оттогаш условите радикално се променија. Процентот на жители над 65 години што примаат пензија во изминатата деценија е значително зголемен. На крајот на 1960-тите, секој десетти човек бил во таа возрасна група, а денес секој петти. Паралелно со тоа се намалува уделот на млади, сегашни и идни работници. Вкупниот број на вработени во Европа сѐ уште не го достигнал својот врв, но поради големиот пораст на бројот на постари жители, односот меѓу работниците и пензионерите драстично се влоши. Кога беше воведен пензискиот систем на меѓугенерациска солидарност имаше 10 или повеќе работници по пензионер, до 90-тите години на минатиот век тој број падна под пет, а денес во повеќето земји е помалку од двајца работници по пензионер.
Второ, пензискиот систем е само еден аспект од проблемот со стареењето на населението. Поголемиот број на стари лица доведува до повисоки здравствени трошоци, а бидејќи во повеќето земји овој систем е и јавен, растот на овие трошоци нужно го оптоварува целото општество. Покрај тоа што сѐ помалку млади ќе треба да издржуваат сè повеќе стари лица преку јавниот пензиски систем, тие ќе треба да ги финансираат и растечките трошоци на јавниот здравствен систем.
Трето, како што старее населението така се менуваат и социјалните обрасци на однесување. Познато е, на пример, дека постарите трошат помалку, а вложуваат помалку (во однос на нивните приходи) во споредба со помладите. Тоа е документиран феномен, кој има повеќе причини, од кои повеќето се сведуваат на тоа што луѓето ги менуваат навиките и однесувањето како што стареат. Истражувањата покажале дека и постарите општества помалку иновираат, поправајќи ги сите други фактори. Ова ги доведува во прашање натамошниот технолошки напредок и решавањето на проблемите со иновативни решенија. Имено, постарите лица произведуваат помалку (затоа што се пензионери), трошат помалку (во однос на нивните приходи) и инвестираат помалку (немаат потреби и не влегуваат во ризик).
Сѐ на сѐ, тоа се врзани садови што ги загрозуваат столбовите на економијата.
Ниту една земја во светот не се справила успешно со овој проблем на долг рок
Проблемот со стареењето на населението полека достигнува критична точка во целиот свет. Имено, Јапонија е најстарата земја во светот, која од средината на 70-тите години на минатиот век нема стапка на плодност над 2 (потребно е 2,10 за одржување на населението). Соединетите Американски Држави веќе неколку години успеваат да одржат стапка на фертилитет блиску до 2, пред сѐ поради големиот прилив на имигранти од Централна и Јужна Америка, но и таму се раѓаат сè помалку деца.
Пронаталните политики се многу скапи и долгорочни, што значи дека треба однапред да се посветат големи јавни средства за нив. Овие средства денес се трошат пред сѐ за финансирање на старите лица, кои во иднина ќе ги има сѐ повеќе. Трошоците за пензискиот систем, здравствената заштита и социјалните бенефиции денес се убедливо најголема ставка во државните буџети, од САД до Европа и Јапонија.
Затоа, земјите низ светот мора решително да се соочат со демографските промени. Многумина почнаа да го прават тоа со поедноставни и побезболни политики, како што е зголемувањето на старосната граница за пензионирање, но тоа предизвика голем отпор во јавноста. Разбирливо е дека луѓето не сакаат да ги намалат веќе стекнатите права и привилегии. Но повеќето од денешните институции се создадени кога условите беа сосема поинакви и беа создадени да одговараат на тогашните услови.
Тие услови ги нема, сигурно нема да се вратат наскоро, но луѓето сѐ уште инсистираат сѐ да продолжи да функционира како ништо да не е сменето. Ова може да продолжи уште некое време, но прашањето е до кога.