Египетскиот бизнисмен и водач на синајската милиција Ибрахим ал-Органи најави изградба на нов град во Египет, на само 15 километри од палестинскиот град Рафа, кој претставува последно засолниште на Палестинците во опустошената Газа.
Органи е сопственик и на градежната компанија „Синовите на Синај“, која е главен изведувач за Египет кога станува збор за проекти кои се однесуваат на Синајскиот Полуостров.
На настан организиран во средата, Органи го претстави проектот пред бројни јавни личности и политичари, а претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси е прогласен за почесен претседател на групата, пренесува Кликс.
„Денес градиме и развиваме. Први што ќе добијат станови во овој град ќе бидат семејствата на паднатите борци во борбата против тероризмот“, рече Органи и рече дека градот ќе го носи името на претседателот на Египет – Сиси Сити.
Иако говорниците на конференцијата директно не ја коментираа изградбата на градот, членот на градежната група, Абдалах Салем Гахама, рече дека египетските племиња мора да ги заборават своите спорови и да застанат зад раководството.
„Пораката за изградба на овој град ќе биде порака за оние кои се сомневаат во намерата на државата да го развие Синај, како и за оние кои сакаат Синај да биде решение за израелската војна во Газа“, рече тој.
Инаку, сопственикот на групата Органи е под лупа на властите од почетокот на војната во Газа поради преголемите давачки што неговите компании ги наплаќаат на Палестинците кои бегаат од војната во Египет.
Според Middle East Eye, една од неговите компании заработила најмалку 118 милиони долари од палестински бегалци во последните три месеци.