Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, во своето интервју во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, разговараше за работата на техничкото управување и за прашањето за патните исправи на македонските граѓани.
„Граѓаните треба да бидат свесни дека ова е техничка влада, технички премиер, технички министер и немаат големи овластувања. Ингеренциите и на министерот за внатрешни работи и на министерот за труд и социјала имаат за цел организирање фер и демократски избори. И треба да знаат дека имаат свои заменици и имаат поврзана фирма, односно не можат ништо без потпис на другиот што го предлага СДСМ. Така, нивните ингеренции се значително намалени. Но и во такви услови, соочен со акутна ситуација, а тоа е обезбедување лични документи, пасоши, се обиде да помогне министерот за внатрешни работи. Велам помош затоа што ги нема сите ингеренции, ако беше во полн мандат тогаш може да ги реши проблемите. И ова е апсолутно наследен проблем кој Оливер Спасовски не го реши во последните 5 години“, дециден е Николовски.
Сепак, Николовски упати критики кон претходната влада на СДСМ, обвинувајќи ја за моменталната состојба во однос на патните исправи. Тврдеше дека промената на името на Македонија, постигната преку Договорот од Преспа, предизвика одложувања и неволји за граѓаните, понижувајќи ги двапати – прво со самата промена на името, а сега со чекање за нови лични документи.
Николоски подвлече дека владата на СДСМ била штетна за Македонија во многу аспекти, вклучително и Договорот од Преспа, договорот со Бугарија, како и прифаќањето на таканаречениот „француски“ предлог, кој според него е бугарски предлог. Тој ја обвини и владата на СДСМ за зголемување на корупцијата и слабеење на економијата.
На крајот, Николовски изрази уверување дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги реши најголемите проблеми во државата, меѓу кои и борбата против корупцијата и изградбата на функционална правна држава, како и унапредување на економскиот развој.