Првиот повик од ИПАРД 3 Програмата се очекува да биде објавен на крајот на август. Ќе ги опфати мерките 1 и 7, за инвестиции во основните средства на земјоделските стопанства, како и за инвестиции во руралниот туризам, диверзификација на фармите и поддршка на микро-бизнисите.
Повикот ќе „тежи“ над 20 милиони евра и ќе трае 45 дена, со продолжување за две недели.
Заедно со последниот повик ИПАРД 2 проценет на 8,8 милиони евра, кој беше објавен на 4 август, само преку ИПАРД на земјоделството ќе му бидат ставени на располагање околу 30 милиони евра.
„Ние сме први што го лансиравме ИПАРД 3, пред која било земја во регионот. Завршени се сите одобренија во Македонија за почеток на ИПАРД 3. Минатиот петок од Брисел дојде одлуката за скратена постапка за акредитација на мерките 1, 3, 7 и 9. Практично, добивме повторна акредитација за сите постоечки мерки од ИПАРД 2. Тоа значи дека веќе влегуваме во процесот, затоа очекувам првиот повик од ИПАРД 3 да биде до крајот на август“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Според него, деновиве се очекува да биде потпишан финансискиот договор со кој се распределуваат општите средства според мерки и години.
Вкупниот дел од кофинансирањето на ИПАРД 3 ќе биде 120 милиони евра, од кои 97 милиони евра се неповратни средства од ЕУ.
Доколку ИПАРД 3 заврши успешно, како што посочува Николовски, тоа ќе значи 250 милиони евра инвестиции во земјоделскиот сектор.