Владата на денешната седница на предлог на Министерството за земјоделство ја одобри интервентната мерка за пченицата и јачменот, односно да се овозможи складишна поддршка од реколтата 2023. Ова денеска го соопшти министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој денеска беше во посета на Свети Никола.
„На денешната седница на Владата ќе биде одобрена времената мерка од Законот за земјоделство и рурален развој за складирање на пченица и јачмен. Интервентната мерка дава поддршка на земјоделците за складирање на јачменот и пченицата во рок од девет месеци, додека претходно оваа поддршка траеше два месеци“, рече Николовски.
Тој појасни дека оваа мерка се спроведува преку Програмата за директни плаќања и има за цел да им обезбеди поголема сигурност на земјоделците и да продаваат пченица и јачмен кога имаат најдобри откупни цени.
„Субвенционирање на складирање на пченица и јачмен во магацини за девет месеци, што значи 120 денари за тон месечно. Тоа е поддршка за сите земјоделци“, рече Николовски.