Николовски: Со Светска банка издвоивме над 14 милиони евра за локални патишта

Во соработка со Светска банка, издвоивме над 14 милиони евра за локални патишта, кои поминаа низ три конкурси, додека во моментов, го имаме четвртиот активен конкурс од вкупно 2,5 милиони евра, изјави денес вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски, кој заедно со кандидатката за градоначалник на Неготино од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева, извршија увид во градежните работи во неготинско село Тремник.

„Ова е серија проекти за изградба и реконструкција на локални патишта што ги работиме насекаде низ земјата. Вкупно, во соработка со Светска банка, издвоивме некаде над 14 милиони евра за локални патишта, кои одеа во три насоки, додека во моментов го имаме четвртиот активен конкурс од 2,5 милиони евра, што значи дека вкупно инвестиравме околу 16,5 милиони евра во локални патишта и во реконструкција и изградба. Овој повик беше успешно завршен и ми е мило што жителите на село Тремник нема да имаат само нови патишта. Заедно со Светска банка, овие три елементи даваат гаранција дека проектот ќе биде успешно завршен“, подвлече Николовски.

Тој рече дека Нацева, како секретар на Општина Неготино, работела на подготовка на овој проект.

„Таа аплицираше до Министерството за транспорт. Министерството за транспорт до Светската банка и успеавме да ги добиеме парите. Во меѓувреме, сега како градоначалничка на општината таа ќе има чест да ја пресече лентата некаде за месец, месец и половина, кога ќе биде завршен овој пат. Ќе продолжиме на овој начин да ги поддржуваме и другите општини, а секако и општина Неготино“, нагласи Николовски.

Тој рече дека патот само во Тремник е долг 930 метри, додека вкупната сума што ќе се потроши е околу девет милиони денари.

„Значи дека Општината нема да може да си дозволи“, подвлече Николовски.

Нацева рече дека Општина Неготино е пример како, во соработка со централната власт, може да се постигне напредок и да се реализираат проекти.