Николоски и Караџов се договорија за нова средба за унапредување на работата на Железничкиот Коридор 8

Во наредниот период ќе се одржи нова средба со цел заедничко усогласување на текстот на Спогодбата со која ќе се постигне договор за изградба на заедничкиот тунел што треба да ги поврзе Македонија и Бугарија, со цел да се унапреди работата за имплементација на Железничкиот Коридор 8. Ова беше договорено на денешната средба меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, која се одржа во рамките на форумот „Глобална транспортна поврзаност“ што се одржува во Истанбул.

Двајцата вицепремиери и министри за транспорт ја истакнаа потребата од изградба и модернизација на европските транспортни коридори, а посебен акцент ставија на железничкиот и патниот Коридор 8, како предуслов за регионален економски развој и олеснување на транспортот и трговијата.

„Нагласувајќи го прашањето за железничкото поврзување меѓу двете земји, двајцата колеги се согласија дека овој проект има регионална димензија, што исто така наметнува стратешко позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското Море и Црното Море“,  објави Министерството за транспорт во соопштението.

Николоски и Караџов се договориле да испратат експерти за учество на состанокот за Коридорот 8 што го организира Европската комисија во јули годинава.

Министерот повеќе пати ги изрази своите очекувања дека дијалогот со Бугарија за изградба на железничката врска во рамките на Коридорот 8 ќе продолжи и дека Софија ќе покаже подготвеност за овој проект, како што прави и земјата.

Пред неколку месеци, македонскиот министер за транспорт Александар Николовски ја пријави Бугарија кај европските институции и банки откако тамошната влада одлучи да пренасочи пари за железничкото поврзување со Македонија. Тој испрати писмо до европската делегација, како и до Европската инвестициска банка и ЕБОР, со кои беше потпишан договор за заем од над 300 милиони евра за поврзување со источниот сосед.

Модернизацијата, или поточно  реконструкцијата, на дел од бугарската железница во рамките на Коридорот 8 беше дел од разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел постигнување договор за интензивирање на работите на железничката врска помеѓу Македонија и Бугарија. Ова го изјави министерот за транспорт Александар Николовски во февруари годинава, кој додаде дека покрај оваа точка, бугарските колеги разговарале и за изградбата на заеднички тунел што треба да ги поврзе двете земји, како и за обврската што Софија треба да ја преземе за изградба на железницата од Ѓуешево до границата со државата, чија должина ќе биде околу четири километри.