Министерот за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека се обезбедени средства за плати за работниците од Македонски Пошти и од компаниите Инфраструктура и транспортни железници.
„Работите се менуваат – во времето на СДСМ и ДУИ немаше плата, сега има! Работниците на Македонски пошти денеска ќе земаат плата, додека вчера ја земаа во Инфраструктурата на Македонски железници. Од понеделник плата ќе има и за Железници и Транспорт. Втор месец по ред има редовна плата и од следниот месец нема да има проблеми со платите бидејќи ќе стапи на сила ребалансот на буџетот. 4400 семејства го добиваат тоа за што работеле. Знам дека многумина ќе кажат дека давањето плата е нешто нормално, но не беше така во времето на СДСМ и ДУИ“, напиша Николоски во објава на Фејсбук.
Тој упати честитки и до раководството на „Македонски Пошти“, „Железничка инфраструктура“ и „Железници и транспорт“ и најави дека „сега следи период на истраги и одговорност за претходните работи“.