Николоски: Партнерството со Обединетото Кралство е уникатно, договорите носат голема додадена вредност за Македонија

Додадената вредност на двата договори со Обединетото Кралство е политичка. Ова е силен политички сигнал, бидејќи финансирањето на проектите може да се најде и од други извори, но такво ниво на политички односи е тешко да се постигне во друга земја, вели вицепремиерот Александар Николоски.

Според него, Договорот со Обединетото Кралство има структурна компонента, има и поддршка за реформи, поддршка за здравството, образованието, финансиска компонента, но пред сè тоа е политичката компонента.

„Имаме земја партнер од која Македонија може само многу да добие. Со децении велиме дека на Македонија ѝ е потребна голема земја како патрон. За жал, претходните влади не направија ништо за да имаме таква земја зад нас, додека тука успеавме да ја имаме поддршката од втората најголема сила и поради оваа причина велам дека Договорот е историски и 22 мај ќе се памети во историјата на Македонија и за тој датум ќе се зборува долго време како датум на кој Македонија и Велика Британија постигнаа партнерство и тоа партнерство е единствено, со оглед на тоа што никој друг во регионот не потпишал таков Договор и тој носи голема, додадена вредност само по себе“, нагласи вицепремиерот Николоски во емисијата „Вечерна емисија со Богдан Илиевски“.

Целиот процес, нагласува министерот Николовски, е транспарентен.

„Критиките од опозицијата се добри, бидејќи решивме целиот процес да го развиеме на транспарентен начин, за разлика од минатите и претходните влади. Видовте дека го доставивме целиот Договор до Собранието, не рековме дека е тајна или државна тајна. Гледате дека ја информираме јавноста за секој чекор и мислам дека она што опозицијата го критикува им се враќа како бумеранг бидејќи имаме целосни информации за јавноста за тоа што се случува“, вели Николовски.