Николоски: По Барселона, од денес директни летови до Мадрид

Првиот директен лет за Мадрид полета од Меѓународниот аеродром во Скопје попладнево. Летовите на оваа линија се одвиваат три пати неделно, секој вторник, петок и сабота, со субвенции од Владата.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека по воспоставувањето директен лет од Скопјe до Мадрид, а претходно и до Барселона, ќе има повеќе дестинации од Шпанија.

Од изборот на новата Влада минатата година, како што рече, отворени се 21 нова директна воздушна линија, а како резултат на промената на политиката за субвенции, бројот на патници на аеродромите во Скоп и во Охрид е зголемен.

„Директниот лет меѓу Мадрид и Скопје ги поврзува двата главни градови на Македонија и Кралството Шпанија, што е многу важно за развојот на туризмот, бизнисот, културната размена, нешто што навистина многу значи. Минатата година, заедно со ТАВ, создадовме нова стратегија во методот на субвенции, иновативна политика во субвенциите, со што се дуплираа субвенциите од претходно. За Скопје, субвенцијата е 9 евра, додека за Охрид 12 за пристигнати патници, што значи дека стимулираме што е можно повеќе патници да дојдат во Македонија. Како резултат на тоа, денес со гордост можам да споделам дека во периодот јануари – октомври од оваа година имаше зголемување на бројот на патници за седум проценти, за Скопје шест, а за Охрид со 17 проценти од бројот на патници, или вкупно 2.862.677, што далеку го надминува бројот на жители во Македонија“, рече Николоски.

Тој ги наведе новите воведени авиокомпании, нагласувајќи дека ќе има повеќе дестинации до Шпанија и дека Барселона и Мадрид нема да бидат последни.