Николоски: Решени сме да ги завршиме проектите во патната и железничката инфраструктура

Поддршка за капитални проекти и подобрување на инфраструктурата беа темите на денешната средба на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, со делегацијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) предводена од Матео Колањели, регионален директор на Банката за Западен Балкан.

На средбата, информираат од Министерството за транспорт, се разговарало за финансиската поддршка за реализација на капитални проекти со посебен осврт на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, како како и доизградба на пругата во Коридорот 8.

Николоски ја истакна определбата на Владата за реализација на овие проекти и истакна дека од големо значење е заложбата на ЕБОР за подобрување и рационализација на проектите на ниво на физибилити, со цел да се утврдат најадекватните варијанти за нивно изградба.

На средбата се разговарало и за динамиката на изградбата на проектите, при што Николлоски истакнал дека во наредниот период Владата ќе ги забрза постапките за реализација.

„Денешниот состанок со ЕБОР беше конструктивен и во насока на изнаоѓање заеднички решенија со цел изградба на квалитетен автопат, во исто време тој да биде по реални цени, а не како што беше планирано претходно и секако да не е на штета на буџетот и граѓаните. Работната група работи на изнаоѓање нова траса и очекувам во блиска иднина да имаме нова линија поевтина од понудената досега“, изјави Николоски по средбата.

Тој додаде дека земјата е силно посветена на регионалното поврзување и економски развој и во тој поглед има силна волја да ги заврши големите инфраструктурни проекти.