Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски ветува дека до крајот на 2026 година граѓаните ќе возат по новиот автопат Кичево-Охрид.
Според него, има бројни проблеми, но „зборот ќе го држат“ во однос на пуштањето на автопатот во употреба.
„Во однос на косините, се соочуваме со неколку проблеми. Се работи за исклучитечно тежок планински терен. Ние сакаме да ја претставуваме Македонија како земјоделска држава, но 80 проценти се планини кога ќе ја видите мапата. И се работи за земјиште што не одговара на она што се класични геолошки стандарди за изградба на автопат“ кажа Николоски во интервју за Фокус.
Автопатот Кичево-Охрид до овој момент со сите анекс договори чини преку 600 милиони евра. Започна да се гради на 22 февруари 2014. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу македонската Влада и кинеската компанија.
Тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, до 2018 година. Но, со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, беше кажано дека проектот е утнат, има еден куп нерешени проблеми на трасата. Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и беше потпишан нов анекс договор со кинеската фирма од дополнители 185 милиони евра.