Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска ја најави деветтата нова авиолинија во земјава.
Како што рече на меѓународната конференција за бизнис дипломатија, се уште не може јавно да каже за што се работи, но „дијаспората ќе биде многу среќна да слушне“.
Очекувањата на Николоски се дека пред нас е исклучително успешна и стабилна година со рекорден број странски инвестиции, како и дека земјата ќе биде „број еден во регионот“.
„Утрото имам потврда за деветтата нова авиолинија, но сè уште не можам јавно да кажам. Мислам дека нашата дијаспора ќе биде многу среќна да слушне. Како Влада во овие 6,5 месеци имаме девет нови авиолинии, а можам да најавам и почеток на реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром“, нагласи Николоски.
Тој во својот говор на конференцијата се осврна и на други инфраструктурни проекти. Очекува, како што рече, до почетокот на летната сезона да бидат пуштени 40 километри од автопатот Охрид-Кичево, како и „многу добри вести во следниот период“ за брзата пруга од Коридорот 10, која треба да биде главна сообраќајница на Македонија.
„Ни претстои солидна година и мислам дека ќе биде исклучително успешна. Ако ситуацијата во нашиот најголем трговски партнер, Германија, барем се стабилизира ако не може да оди нагоре, во тој случај мислам дека ќе бидеме број еден во регионот. Тука, сепак, најважен е бизнис секторот од кој очекуваме голема поддршка. Очекуваме и рекорден број странски инвестиции, без разлика дали од постоечки или нови. Досега имаме пуштено нови 42 километри експресни патишта. Во следните три месеци очекувам пуштање на уште десет километри, додека до крајот на годината ќе биде завршено комплетното решение од главниот град до Прилеп или по автопат или по експресен пат. Во моментов интензивно се работи на повеќе од 150 километри автопати во земјава, се гради патот Прилеп-Битола, Охрид-Кичево, Стража, има тендер за патот Скопје-Блаце евентуално да го завршиме тој автопат, кон Косово“, рече министерот.