Николоски: Ќе се гради алтернативен пат меѓу Тетово и Гостивар

Пред да почне изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, претприемачот прво ќе изгради алтернативен пат за да не се блокираат населените места покрај автопатот и одредени општини, рече Министерот за транспорт Александар Николоски.

Зајакната е динамиката на терен, потенцира Николлоски, се работи на експропријација, а планот е прво да се изградат нови мостови, а потоа да се урнат старите. Трасата е поместена поради изградбата на цевководот за наводнување во полошкиот регион.

„Ако ги уништиме мостовите, тоа ќе биде сериозен проблем за жителите бидејќи цели села и општини, на пример Бервеница и Гостивар, ќе останат исклучени. Затоа се договоривме со Изведувачот прво да се работи на алтернативната траса, а потоа да се изгради мост по мост и прво да се изгради нов мост, а потоа да се урне стар мост. И таму беше проблем експропријацијата, бидејќи не се претпоставуваше изградба на цевководот за наводнување на Полог. Прво треба да ја смениме трасата и тоа значи нова експропријација и очекувам до март следната година да ја завршиме експропријацијата“, рече Николлоски.

Во однос на трасата Гостивар Букојчан, министерот нагласи дека се очекува таа да биде завршена во рок од три години, односно до крајот на 2027 година, додека за следната година во буџетот се предвидени околу 8 милијарди денари за изградба на автопатите во коридорот 8. и 10д.