Нина Шерифовска мајка на Еди, македонскиот олимпиец: Се чувствувам како да чекорам меѓу два света – на гордоста и на грижата
Разговарајќи со Нина Шерифовска, чувствуваме дека сме во присуство на жена која длабоко ја разбира сложеноста на животот, која не се плаши да нурне во сопствената дивина и да ја слуша мудроста на нејзините внатрешни чувства.
Како директорка во успешна фирма и мајка на Еди, македонскиот олимпиец во џудо и на Берна иден кардиохирург, Нина го отелотворува архетипот на жена која балансира помеѓу секојдневните обврски и внатрешниот свет полн со инстинкт и интуиција.
* Спомнавте дека сакате да ги започнувате утрата сама, со шолја кафе. Можете ли да ни кажете повеќе за тој ритуал?
– Утрото е моето време за мене. Додека сите спијат, уживам во тишината и мирот пред денот да започне. Тој момент пред изгрејсонце, со шолја кафе, ми помага да се поврзам со себе и да се подготвам за денот. Тоа е мој начин да размислам пред да се соочам со светот.
* Вашиот успех како деловна жена и мајка е очигледен, но како да најдете рамнотежа помеѓу овие две улоги?
– Всушност, не се само две улоги, јас сум и сопруга и ќерка, сестра, пријателка. Но, одговорот на вашето прашење е всушност дека не е секогаш лесно, но верувам дека клучот лежи во слушањето на внатрешните сигнали, во потпирањето на она што го чувствувам длабоко во себе. Кога сум со семејството, се трудам целосно да им се посветам, дозволувам да ме води љубовта кон најблиските. Од друга страна, во деловниот свет се потпирам секако на моето знаење, но и на мојата интуиција, на онаа искусна жена во мене која секогаш го знае вистинскиот пат, дури и кога патот е нејасен и полн со предизвици.
Иако навидум впечатокот е дека борбите ги војувам сама, успехот е целосен само ако во него се вклучени сите оние кои придонесуваат овој свет да биде поубаво место за живот.
* Вашиот син, Еди, македонски олимпиец, постигна голем успех. Како се справувате со тоа како мајка?
– Како мајка, се чувствувам како да чекорам меѓу два света – светот на гордоста и светот на грижата. Еди ме потсетува на херој од приказна, кој се соочува со предизвици и ги надминува сопствените стравови. Секој негов успех е како светлина што го осветлува и мојот пат, но и ме учи на потребата од храброст и прифаќање на неизвесноста. На крајот од денот, најважно ми е тој да е среќен и исполнет. А Берна е мојот брег. Млада и амбицозна, работи многу напорно да си го реализира сонот и да стане една од ретките жени кардиохирурзи. Си го знае патот и одвај чекам да видам што носи следниот бран.
* Која книга најмногу го обликуваше вашиот животен пат?
– Една од книгите што ми остави длабок впечаток е Жените што трчаат со волците од Кларис Пинколе Естес. Книгата што ме поттикна да размислувам за мојата дива страна, да ги слушам моите инстинкти и да не се плашам да го истражувам непознатото. Содржината ме упати да се поврзам со моите најдлабоки чувства, да ги истражам слоевите на мојата психа и да најдам сила и во интуицијата. Таа книга е како огледало кое ми покажува не само што сум, туку и што можам да бидам.
* Како се манифестира вашата интуиција во секојдневниот живот и во одлуките што ги донесувате?
– Интуицијата е нешто што доаѓа тивко, како шепот, но кога ја слушате, ве носи на места што инаку не би ги забележале. Во деловниот свет често носам одлуки кои можеби на прв поглед не изгледаат логични, но длабоко во себе чувствувам дека сум во право. Во мојот личен живот се потпирам на интуицијата за да ме води кон она што е навистина важно – љубов, семејство, внатрешен мир. Интуицијата е компас кој ме води низ сè што правам.
* Вашето хоби е тенисот. Што ве привлекува во ваква многу напорна физичка активност?
– За мене тенисот не е само спорт, туку начин да се поврзам со моето тело и да го смирам умот. Тенисот ми помага да го намалам стресот и да ја почувствувам животната енергија. Тој ме потсетува дека животот не е само во мислите, туку и во телото.
Тенисот го сакам оти ми дава можност да запознавам многу луѓе со различни карактери, а тоа е убавината. Сакам луѓето да ги запознавам какви се вистински, оти кога играат во некој спорт од нив изглегува чист каратер. Но, јас се трудам да бидам и добар пример за моите деца, се занимавам со спорт од страст и таа страст за здрав живот им ја преносов и ним. Ете барем за тоа зборуваа успехот на Еди на Олимписките игри.
* Кои се вашите визии за иднината, како во деловниот така и во личниот живот?
– Иднината за мене е секогаш обвиткана со мистерија и тоа е она што најмногу ме возбудува. Професионално, сакам да продолжам да го развивам Park Residence како место каде што се среќаваат иновациите и удобноста, но и луксузот, тоа е место каде што луѓето се чувствуваат поврзани и инспирирани. Понекогаш се прашувам дали сум се родила хедонист или полека животот ме научил на тоа. Лично, сакам да продолжам да ги истражувам сопствените можности, да живеам живот кој е и свесен и слободен. Светот е полн со нераскажани приказни и можности, и задоволство ми е да слушам, но и да зборувам за патувањата, но само со оние кои се подготвени да слушаат.