Ниту во Кина, ниту во Америка: Овде ќе се наоѓа најголемата фабрика за чипови во светот

Јужна Кореја најавува дека ќе инвестира над 400 милијарди евра во сопствен развој на индустријата за полупроводници.

На југот од јужнокорејската престолнина Сеул треба да се појави комплекс на погони за производство на чипови кои ќе бидат најголеми во светот. Тука, секако, главниот збор го имаат националните трустови, концерните Samsung Electronics и SK Hynix, но во инвестицијата ќе учествува и државата, која до 2047 година треба да порасне на 622 милијарди јужнокорејски вони или околу 428 милијарди евра.

Предвидени се даночни олеснувања за инвеститорите, како и поддршка во насока на зголемување на конкурентноста на светскиот пазар. Денес само Јужна Кореја задоволува 30 отсто од сопствените потреби за чипови, а до 2030 година тоа би требало да се зголеми на дури 50 отсто, пишува Дојче веле.

Како што најавува јужнокорејскиот претседател Џун Сок-Јол, тој „мега-кластер“, како што го нарекуваат, треба да создаде вкупно околу 3,5 милиони работни места. За да се постигне целта ќе биде потребно проширување на капацитетите на атомските централи за да има доволно електрична енергија за производство на чипови.

Веќе не само меморија, туку и процесори

Јужна Кореја не е аутсајдер на пазарот на чипови: таа веќе покрива 60 отсто од светскиот пазар за мемориски чипови – и DRAM (чипови во мемориите на компјутери и лаптоп) и NAND (мемориски чипови на SD-картички). До 2030 година нивниот удел во производството на други производи, вклучително и процесорски чипови, треба да се зголеми од сегашните три на десет проценти. Samsung на тој начин сака да го престигне својот тајвански конкурент TMSC, главниот снабдувач на процесори и микро-електронски плочи, т.н. „нафора“ (Wafer) на светскиот пазар.

Планираниот објект во Јужна Кореја ќе опфати различни индустриски зони во провинцијата Кенгидо со вкупна површина од 21.000 хектари, приближно со големина на 30.000 фудбалски игралишта. Таму веќе има 19 производствени погони, а до 2047 година ќе бидат изградени уште 16. До 2027 година треба да започнат со работа три погони и два истражувачки центри.

Според информациите од јужнокорејското Министерство за економија, Samsung и SK Hynix сакаат да произведуваат 7,1 милиони обланди полни со чипови секој месец до 2030 година. „Ако го изградиме нашиот мега-кластер за производство на чипови пред крајниот рок, ќе го достигнеме врвот на светот во однос на конкурентноста во производството на чипови и ќе обезбедиме врвни работни места за помладите генерации“, смета министерот за економија Ан Дук-гун.

Колатерална штета“ во трката за гигант

Samsung има намера да инвестира околу 32 милијарди евра во тој проект, од кои 23 милијарди за шест нови производствени капацитети во Јонгин, 33 километри јужно од Сеул. Самсунг до пред само една година најавуваше значително помала инвестиција, дваесетина милијарди евра до 2042 година, но очигледно на барање на Владата ги зголеми своите амбиции. Затоа што има и околу 7,7 милијарди евра за три нови фабрики во Пентек, 54 километри јужно од Сеул и три истражувачки и производствени погони во Гиенгу. А тука е и SK Hynix , кој најавува дека ќе инвестира 7,9 милијарди евра за четири фабрики во областа Јонгин.

Причината за ваквите големи амбиции на Јужна Кореја лежи во случувањата на глобалниот пазар на чипови. Пред сè, постои опасност од извоз на висока технологија, а потоа има големи нарушувања во испораката за време на пандемијата, што ги принуди и САД и Европа значително да го зголемат сопственото производство. Можна „колатерална штета“ во таа конкуренција би можела да биде токму Јужна Кореја – каде извозот на чипови и полупроводници во таа земја во 2022 година донел 129 милијарди долари или 19 отсто од вредноста на вкупниот извоз.

Државни субвенции насекаде

Побарувачката за чипови ќе се зголемува, но ако оние од Јужна Кореја се помалку барани, тоа би било сериозен удар за целата економија. „Кореја е на првата линија на светскиот пазар на полупроводници. Тоа е економска можност, но и тамошните компании се изложени на ризик“, ја сумира ситуацијата Трој Стангароне од Корејскиот економски институт во Вашингтон.

Главните конкуренти не штедат на субвенциите: САД го усвоија т.н „Актот за чипови и наука“ има за цел да привлече што е можно повеќе производители на чипови во таа земја со поддршка од 52,7 милијарди долари. На тоа реагираше и Samsung кој гради фабрика за чипови вредна 17 милијарди долари во Тексас.

Од друга страна, откако САД сериозно го ограничија извозот на високотехнолошки чипови, Кина исто така го субвенционира брзиот развој на сопствените фабрики за полупроводници. Тука е и Јапонија, која исто така поттикнува изградба на уште еден индустриски парк за чипови со капацитети од Sony и тајванската TSMC на островот Кјушу.

Поголема соработка со САД

Досега Јужна Кореја имаше корист од тоа што преку неа, преку задната врата, американската технологија дојде во Кина. Имено, јужнокорејските производители со посебен декрет беа изземени од американските санкции против Кина и им беше дозволено да извезуваат опрема и машини во таа земја. Ова беше од корист за NAND мемориски чипови, како и Samsung и SK Hynix, кои имаат погони во кинескиот град Даљен.

Според анализата на институтот „Блумберг“, САД доминираат во пет од десет фази на производство на чипови, вклучувајќи нанесување силиконски слоеви, нивна хемиска обработка во посакуваните обрасци и спојување на слоеви во буквално микроскопски размери. Јапонија и Холандија доминираат во други фази, како што се чистење нафора и литографија. Ова значи дека Јужна Кореја заостанува зад САД и нејзините главни партнери во производството на чипови. Затоа јужнокорејските производители сакаат да ги убедат американските компании да ги прифатат како важни партнери за да го зајакнат сопственото производство.