НИ НАЈГОЛЕМИТЕ ИГРАЧИ НЕ СЕ БЕЗБЕДНИ – Шпионска програма против која нема одбрана: Мета бил и еден од најбогатите луѓе во светот !?
Иако многу технолошки компании постојано ја нагласуваат „исклучителната безбедност“ на нивните производи, во пракса тоа е многу често далеку од реалноста. Големата афера на компанијата Cambridge Analytuca, со кражба на податоците на речиси сто милиони корисници на социјалната мрежа Фејсбук, покажа дека и најголемите технолошки играчи не можат да гарантираат апсолутна приватност на податоците. Но, што се случува кога државите ќе се вклучат ?
Софтверот Pegasus на израелско-британската компанија NSO Group, покажа дека е можно да се создаде програма против која нема одбрана. Pegasus е откриен од меѓународна група новинари, како и фактот дека со години бил купен од држави и разузнавачки служби ширум светот. Иако самата NSO Group изјави дека целта на развојот на нивниот софтвер е борба против тероризмот, организираниот криминал и корупцијата, нивниот производ главно се користел за шпионирање на политичките противници, новинари и активисти.
Најпознат пример е убиството на американско-саудискиот новинар и активист Џамал Кашоги во 2018 година во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Подоцна, истрагата на турските власти откри (а американското разузнавање потврди) дека Џамал Кашоги бил следен со месеци преку Pegasus, кој бил тајно инсталиран на неговите уреди.
Денес е познато дека на мета на Pegasus бил еден од најбогатите луѓе во светот, Џеф Безос, основачот и извршен директор на глобалниот технолошки гигант Amazon. За работите да бидат уште поневеројатни, експертите се речиси сигурни дека уредите на Џеф Безос биле „заразени“ со софтверот Pegasus преку порака на апликацијата WhatsApp што ја добил од никој друг туку од Мохамед бин Салман, престолонаследник и лидер на Саудиска Арабија.
Иако Саудијците негираат, повеќе од сигурно е дека тие имале некаква улога во овој инцидент, исто како и во убиството на Џамал Кашоги. Белата куќа пред една година ги потврди наодите на американската разузнавачка заедница, но додаде и дека нема да биде покрената истрага против Мохамед бин Салман, бидејќи тој ужива меѓународен имунитет како лидер на државата.
Сепак, останува прашањето колку технолошките компании можат да ја гарантираат безбедноста на податоците на корисниците, кога не можат ниту нивните директори, ниту разузнавачките служби на многу земји. Да биде целата работа уште полоша, Amazon на Џеф Безос е сопственик и на системот за складирање податоци во облак AWS (Amazon Web Services), кој го користат американските федерални служби, како и Пентагон и ЦИА. Услугите на Amazon се присутни и на уредите на стотици милиони луѓе – само нивниот сервис Prime TV има повеќе од 150 милиони посетители месечно.