Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ се подготвува за првиот меч на Мастерсот во Рим, а пред почетокот на турнирот даде интервју во кое се осврна на ривалството со Рафаел Надал, како и евентуалниот дуел со него.
Имено, новинарите во Рим му поставија прашање на Новак за евентуален дуел со Шпанецот. Големите ривали имаат одиграно 59 дуели, а Новак води со 30:29 по бројот на победи. Така Новак проговори и за можниот 60-ти дуел со Рафа.
– Видов дека сме на спротивните страни на ждрепката. Значи, ако се сретнеме тука, ќе биде во финалето, и тоа би било спектакл за нас двајцата и секако, за самото натпреварување. Но, има долг пат да се помине. Веќе некое време не сме дел од истата ждрепка. Не сме ни навикнати на тоа. Со години бевме главни ривали, игравме до крај, а игравме на различни подлоги. Да видиме дали ќе добиеме шанса за „последен танц“, каде и да е. Тоа би било убаво за нас и за тенискиот свет воопшто, изјави Новак.
Да потсетиме, шпанскиот тенисер Рафаел Надал тренираше пред 2.коло на Мастерсот во Рим каде ривал в сабота ќе му биде Хуберт Хуркач.