Новак Ѓоковиќ, откако Роџер Федерер се пензионираше, а Рафаел Надал пропушти поголем дел од оваа сезона поради повреда, немаше ривал од „големата тројка“, а Карлос Алкараз скокна во прв план. Шпанецот успеа да му се закани на Ѓоковиќ откако славеше на Вимблдон, но српскиот тенисер брзо покажа кој е најдобар.
По титулата во Њујорк, Новак Ѓоковиќ одигра два меча за Дејвис куп за репрезентацијата на Србија, а потоа замина во Рим каде што настапи на „Ол-стар“ турнирот во голф. Тоа беше повод италијанските медиуми да го контактираат и да направат приказна со него за актуелните случувања во светот на спортот.
– Иднината на тенисот е во добри раце, на тој терен Алкараз ја води трката. Одигравме многу возбудливи натпревари, особено оваа година, во финалето на Вимблдон и Синсинати. Тој меч на тлото на Соединетите Американски Држави е еден од најдобрите во мојата кариера што го одиграв во три сета – изјави Новак Ѓоковиќ за „Скај спорт Италија“.
Ѓоковиќ се надева дека Карлос Алкараз ќе ги замени Надал и Федерер во улогата на негов најголем ривал во наредните години, сè со цел да се подобри квалитетот на тенисот.
– За нашиот спорт е одлично што има што повеќе ривалства, иако моите со Роџер, Рафа и Енди беа на највисоко ниво. Се сретнав со Карлос само четири пати и се надевам дека ќе можам да играм со него како и со моите претходници. Тоа би значело дека сè уште сум во ритам. Се сомневам, но ќе видиме како ќе се развива ситуацијата – јасен беше српскиот тенисер.