„Нова Влада на Србија до 20 март или избори во мај“, најави Вучиќ

Доколку се формира Владата на Србија, тоа треба да се стори до 19 или 20 март, а ако не, тогаш тоа значи дека изборите најверојатно ќе се одржат на почетокот на мај, изјави Александар Вучиќ, претседателот на Србија, пренесува Анадолу.

Во четвртокот вечерта за Радио телевизија Србија (РТС) претседателот Вучиќ истакна дека ‘најдоцна до околу 17 февруари треба да констатирана оставката на Владата и нејзиниот премиер Милош Вучевиќ“.

Вучиќ посочи дека тоа значи дека роковите од 30 дена за формирање влада или распишување избори ќе почнат да течат од 17 февруари.

Тој изјави дека тоа се две опции утврдени со Уставот и дека пред сѐ би било добро да се обиде да создаде „една добра влада“.

Претседателот на Србија рече дека ќе продолжи да инсистира на дијалог со студентите кои протестираат во српските градови по уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, кога загинаа 15 лица, а тројца беа тешко повредени.

Вучиќ рече и дека не го интересира кој ќе учествува во тој дијалог, бидејќи „секој разговор е лековит“ и додаде дека можат да разговараат со кој ќе сака, објави Танјуг.