Повеќе од 800 луѓе се разболеле од норовирус на Пролетниот фестивал во Штутгарт во југозападна Германија, јавува Anadolu. Според германските медиуми, не е познато како се проширил вирусот, но бројот на заразени значително е зголемен во текот на минатата недела.
Официјални лица во Штутгарт веруваат дека изворот на инфекцијата не е храната и пијалокот што се служи во фестивалскиот шатор, бидејќи анализираните примероци биле негативни. Како што е наведено, тестиран е и персоналот, како и садовите и водата што се користат за перење.
Од Институтот за здравство сметаат дека вирусот се пренесува од човек на човек, преку капки, но не се знае кој го донел вирусот на фестивалот, посетител или работник. Посетителите прво се пожалија на повраќање, дијареа и гадење, а здравствените власти подоцна објавија дека до петокот се заразиле 815 луѓе.
Пролетниот фестивал започна на 20 април и ќе трае 23 дена, а посетителите ќе имаат можност да уживаат во различни возења, тезги и барови кои нудат освежување и забава. Во текот на 2023 година, фестивалот го посетиле 1,4 милиони луѓе.
Симптоми на норовирус се гадење, дијареа и повраќање, а дополнителни симптоми се треска, главоболка и болки во нозете и рацете.