Нова опција на маса, ДУИ го зема премиерот, СДСМ спикерот? Како имиња се споменуваат Џафери и Митревски
Најсериозната варијанта за имплементација на договорот од Пержина е технички премиер да биде Талат Џафери од ДУИ, а нов претседател на Собранието Јован Митревски од СДСМ. Ова го објави вчера емисијата 360 степени, додека партиски извори за ТВ21 од СДСМ велат дека предлогот е на работ на одобрување и се чека зелено светло од лидерот на ДУИ Али Ахмети. Досега во јавноста се појавија неколку имиња за технички премиери.
Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев е уверен во победа на изборите.
„ДПМНЕ и Левица сакаат да не вратат во времето на режимот на Груевски, каде младите вадеа бугарски пасоши за да ја напуштат државата, бевме во расправии со соседите и изолирани од светот. Дури и граѓаните ја препознаваат оваа разлика и затоа сум сигурен во двојна победа на изборите за Европскиот фронт“, изјави Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ.
Дури и нивните противници од ВМРО-ДПМНЕ веруваат во победа.
„Ќе прифатиме секакво решение, бидејќи сме подготвени да одиме на избори и сигурни сме дека граѓаните ќе имаат можност да гласаат за оној на кој најмногу му веруваат и убедени сме дека тоа ќе биде ВМРО-ДПМНЕ“. Стефан Андоновски, ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерската средба е закажана за утре напладне во Собранието на која своето присуство го потврдија двете најголеми македонски политички партии. Ќе се договори датумот на изборите и ќе се разговара за примената на набљудувањата на ОБСЕ и ОДИХР. Се очекува партиите да го официјализираат 8 мај како датум за избори, додека Македонија ќе треба да има техничка влада на 28 јануари. Тоа значи и дека изборите мора да се распишат на крајот на февруари.
Според премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, има доволно простор за организација на редовни претседателски и парламентарни избори во мај следната година. Ковачевски најави дека сите детали околу одржувањето на изборите ќе бидат утврдени на седницата на Собранието во декември.
Според лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, датумот на изборите е предмет на консензус и треба да се финализира и прецизира. Од партијата сметаат дека веќе нема потреба од постоење на техничка влада.