Новиот состав на Собранието ќе одлучи на кој начин ќе продолжи проектот со автопатот Кичево-Охрид

 Собранието во новиот состав ќе одлучи на кој начин ќе продолжи проектот – дали со истиот изведувач или на крај ќе се бира изведувач којшто има покажано дека може да направи пат. Она што мора да се направи е првин тој пат да се заврши, бидејќи граѓаните на цела држава го заслужуваат, Охрид како најголем туристички центар тоа го заслужува и таму треба да се работи со најзабрзано темпо. 

Ова го изјави лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во изградба на локални улици во населба Хиподром, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Во моментов само еден податок ќе ви дадам, на завршени делници на патот којшто е завршен некаде 80-85 проценти, во последниот квартал на минатата година имаше 13 свлечишта со огромни количини на земја паднати врз нив коишто сега треба да се чистат, да се репроектираат, рече тој.

Повтори дека има некои косини, коишто, како што рече, уште тоа време пред 10 години не се предвидело дека на крај завршуваат во Албанија, колку лошо биле испроектирани.

-Затоа сметам дека она што го направи Министерството за транспорт и врски е добра работа што се повика експерт којшто треба да направи анализа на се’ она што е направено досега, ревизија на она што е направено досега и Парламентот бидејќи се работи за договор којшто е со закон донесен, самиот договор е закон во Собранието Собранието во новиот состав да одлучи на кој начин ќе продолжи проектот – дали со истиот изведувач или на крај ќе се бира изведувач којшто има покажано дека може да направи пат, рече лидерот на СДСМ.

Кога се прават набрзина проекти пред избори, како шторече, резултатот е ваков.

-Меѓутоа, ова исто така и потврдува уште една работа, а тоа е дека кога се прават набрзина проекти пред избори, а овој проект за Кичево – Охрид беше направен баш пред избори во последниот мандат на владата на ВМРО-ДПМНЕ пред 2016 година каде што и самите тие нивни колеги кои учествуваа во проектирањето кажуваат дека тоа било набрзина направено, по гуглмап се правеле рутите, поминувале преку резервоари за вода, преку гробишта, косини непроектирани, свлечишта непроектирани, експропријации незавршени и затоа е и одолжена таа работа, рече Ковачевски.

Повтори дека веднаш штом ќе се спроведе ново анексирање во Собранието или нова одлука која што ќе ја дадат пратениците во Собранието, проектот ќе продолжи, бидејќи, како што рече, тој договор е со Закон во Собрание донесен уште пред 10 години.