Нови вработувања за поголема искористеност на ИПА-фондовите, првите проценки се дека ќе се отворат места за околу 100тина луѓе. Министерот за европски прашања Муртезани, денеска изјави дека за две години биле изгубени 79 милиони евра, а проценките се дека до крајот на 2024та постои опасност за губење на 43 милиони евра од ИПА 2 програмата.
Порача дека е поразителен статусот на искористеност на ИПА-средствата и дека тоа се должи на недостигот на кадар. Според министерот Муртезани не станува збор за преоптоварување на јавната администрација со старата пракса на вработувања со политички кадри, туку професионални кадри. На прашање како мотивираат професионалци и ќе ги задржат да не преминат во приватниот сектор, Муртезани одговори,
– На пазарот постои стручен кадар,меѓутоа треба да се нафати да влезе во ИПА структурата за да и да може да остане. Во моментот немаме крајни решенија, односно солуции за сите тие проблеми, но станува збор за сериозен проблем кој ќе треба да го решиме.
Во последниот извештај на Европската комисија се нотира дека структурите кои управуваат со фондовите на ЕУ во земјава, лани работеле со 79% од оптималниот број вработени и дека е потребна специјално обучена администрација. Земјава произведува такви луѓе, но ги плаќа како сите други службеници.
Министерот Муртезани изјави и дека до утре се чека Брисел да ги достави забелешките во однос на реформската агенда за Планот за раст, но не откри што содржи драфт верзијата која е испратена до Брисел и дали таму стои распуштањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, предлог на Владата, кој наиде на критики од меѓународната заедница.
– Овластен сум, но не можам да споделам информации кои што може да се променат после 3 дена. – вели тој.
На 14 јули Владата ја усвои нацрт-верзијата која е испратена до Европската комисија на внатрешна консултација. Отако Брисел ќе испрати коментари и ќе се усвои реформската агенда, следува потпишување на договор за инструмент за реформи и раст и договорот за заем и ратификација во Собранието. Владата се надева дека во вториот дел на септември треба да стигне првата транша европски пари.