Нови информации и надеж за исчезнатиот Миле Тодоров: Случајот повторно отворен

28-годишниот маж од Неготино, за кого пет месеци немаше никакви траги, наводно бил виден на релацијата Неготино–Штип.


По цели пет месеци од неговото мистериозно исчезнување, 28-годишниот Миле Тодоров од Неготино наводно бил забележан во близина на планината Серта. Очевидец објавил фотографија и опис на социјалните мрежи, кои веднаш предизвикаа реакција кај јавноста.

Семејството на Тодоров потврдило дека лицето на фотографијата наликува на Миле, а полицијата дополнително потврдила дека постои основа за сомнеж дека се работи токму за исчезнатиот маж.

Според објавата, тој бил видно ослабен, со долга коса и брада, облечен во искинати алишта, и се движел пешки во рурална зона помеѓу Неготино и Штип.

Миле Тодоров последен пат бил виден на 30 јануари во селото Марена. Во моментот на исчезнувањето носел работничко одело, бело палто и црн елек. Оттогаш, и покрај повеќемесечна потрага, немаше никакви конкретни траги.

Полицијата повторно апелира до граѓаните – доколку некој го забележи лицето од фотографиите, веднаш да ја извести најблиската полициска станица или да се јави на бројот 192.

Останува непознато каде престојувал Тодоров во изминатите месеци и зошто исчезнал без трага. Истражните органи ќе работат на расветлување на случајот во целост.