Министерството за внатрешни работи најавува целосно и навремено информирање на граѓаните во врска со новите правила за патување во Европската Унија, кои според најавите ќе стапат во сила на 12 октомври. Целта е да се избегнат застои на граничните премини.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, нагласи дека се во постојана комуникација со европските партнери и дека, според важечките регулативи на ЕУ, граѓаните ќе мора да пополнуваат онлајн апликации.
„Секојдневно дискутираме оваа постапка да биде што е можно полесна и подостапна за нашите граѓани. Се согласувам дека најголемиот проблем може да се појави на граничните премини на нашите соседи кои се дел од Европската Унија. Затоа, наша задача е целосно да ги информираме граѓаните за тоа какви апликации треба да пополнат. Според важечките прописи, апликацијата ќе се прави онлајн, постапката ќе трае некое време и ќе важи две години. Ова се првичните најави, но штом добиеме официјални информации од ЕУ, ќе ги споделиме со граѓаните. Ова е регулатива на ЕУ и ние сме должни да ја почитуваме“, изјави Јанев.
Според најновите податоци, системот за влез/излез на EES ќе биде лансиран на 12 октомври 2025 година. Ќе се спроведува постепено во период од шест месеци во 29 европски земји (25 земји-членки на ЕУ кои се дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија). Целосната имплементација ќе започне на 10 април 2026 година, кога ќе започне и електронското пресметување на деновите на престој.
Во овој момент, не е потребна никаква акција од патниците преку вториот систем, ETIAS. Европската Унија ќе обезбеди дополнителни информации за точниот датум на почеток на ETIAS неколку месеци пред неговото започнување.