Романската синдикална организација Здравствена солидарност денеска во Букурешт организира серија протести. Предвиден е двочасовен протест пред Министерството за здравство, а потоа уште еден час пред Министерството за труд и социјална солидарност.
Се очекува во протестите да учествуваат повеќе од 300 демонстранти.
Меѓу главните барања на синдикалците се зголемување на основните плати за сите категории здравствени работници за најмалку 25 отсто во 2024 година и донесување мерки за подобрување на условите за работа.
На 5 февруари романската Федерација на здравствени работници Санитас се договори со Владата за зголемување на платите за 15 проценти. Здравствена солидарност, која исто така учествуваше на состанокот го оцени владиниот предлог како несоодветен и најавија дека ќе продолжат со протестите.
Минатата недела Санитас и Здравствена солидарност одржаа две демонстрации речиси паралелно пред Министерството за труд и Министерството за здравство во Букурешт. Тогаш министерот за здравство Александру Рафила на преговори ги покани само претставниците на „Санитас“.