Продолжуваат тензиите меѓу Народна Република Кина и островот Тајван, кој Кина го смета за дел од својата суверена територија.
Кина испрати поморски бродови и голема група борбени авиони во Тајван, продолжувајќи со воениот притисок врз островот , соопшти денеска тајванското Министерство за одбрана.
Народноослободителната армија на Кина, наводно, испратила 33 воени авиони и шест поморски бродови во последните 24 часа, пренесува АП.
Се додава дека борбените авиони Ј-10 и Ј-16 летале низ Тајванскиот теснец и југозападно од островот. Тајванското министерство соопшти дека користело копнени ракетни системи за следење на авионите, од кои 10 ја преминале линијата на Тајванскиот теснец, неофицијалната граница меѓу Тајван и Кина.
Кинеските власти го сметаат Тајван за своја територија и редовно испраќаат борбени авиони на островот, наведува американската агенција. Тајван, од друга страна, продолжува да купува оружје и борбени авиони за да ги зајакне своите одбранбени способности.
Минатиот месец, Соединетите Држави објавија пакет од 345 милиони долари за продажба на преносливи системи за воздушна одбрана на Тајван, огнено оружје и проектили.