Новогодишна белешка на гувернерката на Народната банка: Очекуваме постабилен економски амбиент во 2025 година

Во очекување на економски подобра 2025 година, во која инфлацијата би продолжила да се стабилизира, а растот би забрзал, да се навратиме накусо на годината на која веќе ѝ ги одбројуваме деновите и да се потсетиме на предизвиците и резултатите во неа. Секој внимателен преглед на нашите чекори, предизвици и успеси е патоказ кон поуспешна иднина.

Во 2024 година, успешно ја задржавме макроекономската стабилност, вклучително и стабилноста на денарот, со раст на девизните резерви до ниво кое е четириесетина проценти над нивото пред пандемијата. Одржувањето на стабилниот курс на домашната валута во времиња исполнети со предизвици е јасен показател за капацитетите на нашата централна банка и наш влог во кредибилитетот на политиките коишто ги водиме.

Резултатите од монетарната политика во 2024 година се согледуваат и преку натамошната стабилизација на инфлацијата, којашто по просечната стапка од 9,4% во 2023 година, во првите десет месеци од оваа година е сведена на 3,4% и очекуваме натамошно постепено забавување и следната година. Доколку се задржат овие поволни трендови кај инфлацијата и на девизниот пазар, без да има остварување на поголеми ризици, може и догодина да се очекува натамошно постепено и претпазливо олабавување на каматната политика од страна на Народната банка.

Благодарение на внимателното водење на монетарната политика и напоредното носење макропрудентни мерки од страна на централната банка, покрај намалувањето на инфлацијата, зајакната е и финансиската стабилност. И во кризниот период, банкарскиот сектор беше столбот на стабилноста на која се потпираа економијата и бизнисот, додека неговата отпорност беше дополнително зајакната преку мерките коишто ги носеше Народната банка. Притоа, стапката на адекватност на капиталот достигна 19%, што е највисоко ниво во последните седумнаесет години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3%. Растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи задржување на кредитниот раст, притоа особено е важно што денарските и долгорочните депозити остварија двоцифрен раст, што јасно говори за довербата во банкарскиот систем и во домашната валута.

За одбележување во годината којашто изминува е и поднесувањето на формалното барање за пристапување на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) од страна на Народната банка, што е историски чекор за влез во европските платежни системи и приближувањето до Европската Унија. Придобивките за граѓаните и економијата од членството во СЕПА се многукратни и накусо опфаќаат побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања.

Во годината што следува, нема дилема дека одржувањето на макроекономската стабилност ќе биде и понатаму нашиот приоритет, бидејќи таа е клучен предуслов за повисок економски раст. Исто така, Народната банка ќе биде посветена и на поддршката на структурната трансформација на нашата економија. Зелената транзиција и дигитализацијата не се само модерни приоритети, туку се стратегиски насоки коишто го отвораат патот кон одржлив раст, нови работни места и подобра конкурентност.

Народната банка и натаму активно ќе го поддржува зеленото финансирање, со што ја поттикнува еколошката одговорност во економските активности. Воедно, со поддршката на финтек-секторот и дигиталните иновации, создаваме нови можности за модернизација на финансиските услуги, подобра достапност за граѓаните и поттик за раст на претприемаштвото.

Зад нас оставаме година во која научивме важни лекции и направивме значајни чекори напред. Пред нас е нова година којашто нуди нови можности. Преку сигурни економски политики ќе ги искористиме можностите, а притоа внимателно ќе управуваме со ризиците коишто и натаму ќе постојат. Заеднички, со соодветни макроекономски и структурни политики, можеме да изградиме економија што е стабилна, инклузивна и што е подготвена да се соочи со предизвиците на утрешниот ден.

На сите граѓани им посакувам среќа, здравје и успех во Новата 2025 година! Народната банка е сигурен партнер во создавањето подобра иднина за сите нас.