Новоизбраниот чешки претседател засега е против испраќање авиони во Украина

 Новоизбраниот претседател на Чешка, пензионираниот генерал Петр Павел, се спротивстави на идејата за испраќање западни борбени авиони за помош на Украина и предупреди дека тоа ќе го комплицира конфликтот ако тие бидат испратени сега.

– Во оваа фаза, мислам дека тоа веројатно би ја искомплицирало ситуацијата. Технички, потребни се најмалку шест месеци за да се испорачаат нови авиони и да се обучуваат пилоти, рече Павел во интервју објавено денеска во францускиот весник „Ле Монд“.

Новоизбраниот претседател на Чешка, кој ќе положи заклетва на 9 март, апелираше да се испрати дополнителна помош во оружје за Украина, но нагласи дека сега ѝ се потребни тенкови, оклопни возила и артилерија, додека авиони може да се испраќаат, но значително подоцна.

Павел рече дека Чешката Република, која на Украина и испрати 89 стари тенкови Т72 од советско и руско производство, ги достигнала границите на помош и дека можеби сè уште може да испрати 14 тенкови Леопард 2 што ги добила како подарок од Германија, иако тоа би претставувало одреден ризик за одбранбената способност на самата Чешка.