Канадската компанија „Тера Балканика Рисорсис“ објави дека во рамки на проектот Виогор–Жаник во Брежани (БиХ) е откриено значително проширување на златното лежиште, при што во третата фаза од дупчењето потврдиле присуство на повеќеметално наоѓалиште.На длабочина од 72,3 метри е измерена просечна содржина од 0,27 грама злато на тон руда, а во поединечни делови и над еден грам на тон. Освен злато, во новото наоѓалиште се потврдени и антимон и цинк.
Претседателот и извршен директор на „Тера Балканика“, Александар Мишковиќ, истакна дека резултатите покажуваат дека Брежани има потенцијал да стане рударски центар од европско значење.
,,Ова откритие потврдува дека Босна и Херцеговина располага со минерални ресурси од светска класа. Нашата визија е Брежани да се развие во едно од клучните наоѓалишта во Југоисточна Европа и значително да придонесе за европскиот пазар на критични метали“, изјави тој.Областа Брежани се наоѓа во близина на рудникот Сасе, кој веќе произведува стотици илјади тони руда годишно, што според компанијата овозможува брза интеграција во постојната рударска инфраструктура.
Успехот на проектот, велат од „Тера Балканика“, може да ја трансформира улогата на Босна и Херцеговина од земја со ограничени резерви во стратешки важен центар за злато и критични суровини во регионот и пошироко, носејќи нови партнерства и долгорочен економски раст.