Баерн Минхен доби ново засилување на самиот крај од преодниот рок. Напаѓачот на Челзи, Николас Џексон, се сели во Баварија, иако во еден момент се чинеше дека договорот ќе пропадне по повредата на напаѓачот на „сините“, Лиам Делап.
Сепак, по неколку недели преговори, германските гиганти и лондонскиот клуб постигнаа конечен договор кој вклучува позајмица со обврска за откуп.
Според информациите од германскиот весник „Билд“, Баерн ќе му плати на Челзи 16,5 милиони евра за едногодишна позајмица, додека откупната клаузула е поставена на 80 милиони евра.
Клаузулата за откуп стапува на сила ако Џексон одигра одреден број натпревари, што го прави трансферот практично сигурен. Вкупниот пакет вреди околу 81 милион евра.
Сенегалскиот напаѓач веќе успешно ги помина медицинските прегледи и потпиша петгодишен договор, кој ќе биде активиран кога откупниот дел од договорот ќе стане официјален.
Трансферот доаѓа откако претходните преговори речиси пропаднаа поради повреда на Лиам Делап, што го натера Баерн да разгледа алтернативни опции. Сепак, челниците на баварскиот клуб решија да одат до крај и да го доведат Џексон, кого го гледаат како долгорочно решение во врвот на нападот.
Џексон пристигна во Челзи во 2023 година од Виљареал, а во дресот на лондонскиот клуб покажа голем потенцијал, но често беше мета на критики поради не толку добрата реализација и големите грешки.