Нов колапс во Шпанија: Мобилните мрежи беа во прекин низ целата земја, граѓаните не можеа ниту да се јават на бројот за итни случаи
Во Шпанија, утрово имаше колапс во работењето на мобилните мрежи, само две недели откако системот за снабдување со електрична енергија во земјата откажа.
Од пет часот наутро, низ целата земја, граѓаните пријавуваат огромни проблеми при телефонските повици, користењето на мобилниот интернет и испраќањето СМС пораки.
Проблеми се пријавени во сите поголеми градови, како што се Мадрид, Барселона, Валенсија, Малага и други.
Овој колапс ги погоди сите големи фирми вклучени во оваа индустрија, вклучувајќи ги „Мовистар“, „Водафон“, „Оринџ“, „Дигимобил“ и „О2“.
Колапсот влијаеше и на телефонските линии за итни случаи, бидејќи европскиот број за итни случаи 112 стана недостапен во делови од Шпанија.
Владата на Валенсија воспостави алтернативен број за итни случаи наместо 112, додека службата за итни случаи 112 во Арагон ги информираше граѓаните преку социјалните медиуми дека „телефонската линија 112 не е функционална“ и беа активирани три алтернативни броеви.
Некои компании беа целосно исклучени од своите системи и не можеа да вчитаат софтвер или да се поврзат со своите компјутери.
Проблемот наводно настанал поради голема грешка во системот на „Телефоника“, кој е главен оператор на повеќето мобилни мрежи во Шпанија.
Телекомуникацискиот гигант наводно лансирал ажурирање на мрежата кое не поминало според планот, предизвикувајќи прекин на мрежата низ целата земја за милиони жители на Шпанија.
Портпаролот на компанијата изјави за шпанскиот весник ABC дека проблемот е предизвикан од неуспешно ажурирање на мрежата и дека нивните инженери работат на негово решавање.
Ова се случи само неколку недели откако беше прогласен инцидент со национално затемнување во Шпанија на 28 април, кога милиони луѓе во Шпанија и Португалија останаа без електрична енергија околу 10 часа.
Шпанската влада ја отфрли можноста дека хакерски напад е причина за прекинот на електричната енергија во април.