Советот на социјална сигурност денеска на состанок усвои зголемување на пензиите. Просечната пензија од 17 666 денари се зголемува на 19 150 денари. Зголемувањето на мартовската пензија согласно методологијата ќе биде за 8,4 проценти.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека годинава, освен ова мартовско усогласување на пензиите, ќе следи уште едно во септември усогласено согласно трошоците за живот и порастот на просечната плата. За една календарска година, како што посочи, растот на пензиите ќе биде околу 16 проценти.
– Со покачувањата на пензиите што се случија лани во март и септември, заедно со ова покачување и тоа кое следи во септември, пензиите ќе бидат поголеми за 25 проценти што никогаш досега во историјата на државата се нема случено, рече Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска посочи дека станува збор за нов начин на усогласување на пензиите при што покрај растот на трошоците на живот се зема предвид и растот на просечната плата.
– Со овој начин на усогласување се овозможува еден реален пораст на пензиите во однос на платите, односно како што ќе порасне просечната плата, така да растат и пензиите. Усогласувањето се врши согласно методологијата 50 проценти трошоци од порастот на просечно исплатената плата и 50 проценти од порастот на животните трошоци во Република Северна Македонија, истакна Тренчевска.
Додаде дека покрај воведувањето на новата методологија за усогласување на пензиите, минатата година преку првиот пакет на антикризни мерки, 330 илјади пензионери три месеци добиле финасиска помош од по илјада денари.
– Во наредниот период, заедно со Здружението на пензионери ќе отвориме дебата за утврдување на најниска пензија со што ќе им излеземе во пресрет на оние со најниски пензии и согласно податоците од Светска банка да го утврдиме тој праг на сиромаштија со којшто ќе ги заштитиме пензионерите од ранливост, истакна Тренчевска.
Претседателката на Сојузот на пензионерските здруженија, Станка Трајковска, рече дека Сојузот продолжува и понатаму да ја следи новата методологија, односно како таа се реперкуира на висината на пензиите и подвлече дека подготвиле нови предлози за унапредување на формулата за усогласување на пензиите кои ги доставиле до Министерството за труд и социјална политика.
– Во оваа прилика сакам да кажам дека тежиште на оваа седница на Социјалниот совет беа и мерките за пензионерите надвор од пензискиот систем. Покрај пензијата, на пензионерите во секое општество, па и во нашето, особено кога станува збор за пониските пензии, се мерките надвор од пензискиот систем, истакна Трајковска.
Таа посочи дека многу значајни се и барањата на пензионерите во врска со покачувањето на лимитот на висината не пензијата до којашто пензионерите би биле ослободени од болничка партиципација, како и барањата во доменот на социјалното домување, што побрзо донесување на новата позитивна листа на лекови и субвенцинирањето во набавката на огревно дрво.